Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија (СГИП) ја турка намерата да се издејствува кај Владата градежните работници во земјава кои работат во екстремни услови да го регулираат правото за бенефициран стаж. Иницијативата од СГИП потекна кон крајот на минатата година и досега на оваа тема се одржани неколку средба меѓу стручни лица на Синдикатот и од Министерството за труд и социјална политика. Барањата на Синдикатот се фокусирани на тешките услови на работа на одделни категории градежни работници, за што на луѓето од Министерството им ги дадовме на увид списоците со работниците и систематизација на работните места што ги вршат. Потоа заеднички ги дефиниравме и ги утврдивме списоците, но поради почетокот на изборната кампања, сите преговори се стопирани и ќе продолжат по завршувањето на изборите, кога ќе ја допрецизираме конечната листа и критериумите по кои ќе се утврдува бенефицираниот стаж, вели Павел Трендафилов, претседател на СГИП.
Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија (СГИП) ја турка намерата да се издејствува кај Владата градежните работници во земјава кои работат во екстремни услови да го регулираат правото за бенефициран стаж.
Иницијативата од СГИП потекна кон крајот на минатата година и досега на оваа тема се одржани неколку средба меѓу стручни лица на Синдикатот и од Министерството за труд и социјална политика.
- Барањата на Синдикатот се фокусирани на тешките услови на работа на одделни категории градежни работници, за што на луѓето од Министерството им ги дадовме на увид списоците со работниците и систематизација на работните места што ги вршат. Потоа заеднички ги дефиниравме и ги утврдивме списоците, но поради почетокот на изборната кампања, сите преговори се стопирани и ќе продолжат по завршувањето на изборите, кога ќе ја допрецизираме конечната листа и критериумите по кои ќе се утврдува бенефицираниот стаж - вели Павел Трендафилов, претседател на СГИП.
Тој смета дека со решавањето на ова барање ќе исправи уште една неправда кон работниците во градежништвото, односно ќе се регулира правото на оваа категорија вработени, кои одамна го заслужуваат, но никогаш не го добиле.
- Со утврдување на ова право ќе се постигнат три ефекти: работниците достоинствено ќе можат да одат во предвремена пензија, работодавците ќе можат да вработуваат помлади луѓе и ќе се поттикне вработеноста во земјата - нагласува Трендафилов.
Според него, бенефицираниот стаж важи за истите работни позиции во други гранки, додека не и за градежништвото. Во оваа гранка регулиран е бенефициран стаж само за пробивање тунели, за што нема специјализирана компанија.
- Но, во градежништвото, каде што се вработени 31.022 лица и во индустријата за градежни материјали со околу 3.437 лица има кранисти, булдожеристи, бушачи на камења, возачи на тешки возила, асфалтери и ред други занимања со висок ризик кои треба да ги користат овие услови - истакнува Трендафилов.
Од повеќе компании, меѓу кои "Бетон", "Бортас", "Козјак", "Цементарница Усје", "Мермерниот комбинат Прилеп" и други, има позитивни сигнали за прифаќање на барањето за бенефициран стаж.
- Вистина е дека товарот го сносат работодавците, но тие трошоци се минимални, додека добивките се повеќекратни - нагласува тој.
Бенефициран стаж користат вработени во Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, казнено-поправните домови и воспитно-поправните установи, па дури и балерините. Неодамна во Велес беше покрената иницијатива бенефициран стаж од 15 месеци да имаат и дефектолози, психолози и логопеди, бидејќи работат со популација на ученици со умерени и комбинирани интелектуални пречки во развојот и аутизам.
- Ако може балерините, полицајците и војската да имаат бенефициран стаж, зошто ние, кои работиме 30-ина години со деца со посебни потреби, да треба да чекаме 62 години. Барањето мора да се поддржи. Иако владее практика дека овој проблем не наидува на интерес кај надлежните, сепак, е сериозен проблем - истакнаа дел од велешките дефектолози.
За Полјаците и Холанѓаните бенефициран пушачки стаж
Едно од најморбидните барања за бенефициран стаж е регистрирано во 2008 година кога полските приватни пензиски фондови, со намера да привлечат нови клиенти, побараа поголеми пензии за пушачите, како бонус за пократкиот живот. Полјаците идејата ја презедоа од Холандија, каде што тамошните пензиски фондови донесоа одлука на пушачите да им исплаќаат поголеми пензии. Овој потег се оправдуваше со економската логика, според која, тој што живее пократко претставува заштеда за буџетот. Статистиките покажуваат дека полските пушачи живеат неколку години помалку од непушачите, што според приватните пензиски фондови, е еднакво на 8% до 10% повисока пензија. Пред воведувањето Холанѓаните пресметале дека на пушачите можат да им даваат 16% повисока пензија, бидејќи тие ќе дочекаат помал број на исплати на пензии од непушачите. Стекнувањето "пушачка" пензија во Холандија се обезбедува со вложување 20.000 евра во фонд и давање доказ дека сте страсен пушач. Под страсен се подразбира во последните пет години да сте пушеле по 10 цигари или 6 цигари и едно луле дневно.